Година XVI, број 98, Декември 2009

РЕПОРТАЖА


НАШИОТ ДВОР


УБАВИНА ЅИРКА ОД ДВОРОТ НА ГРАОРОВЦИ


 


Пишува: Атанас ТАСЕВСКИ


 

      Тоа не е сè и тоа не е крај. Не смееме да речеме дека “проектот двор“ е завршен. Овој е проект што ќе трае додека постоиме. Следува промена на покри­вот, изградба на камин, фонтана ѕидана со плетварски камен. Следува нова визија што ќе ги опфати соништата на на­ши­те деца и внуци кои убавината во животот ја ставале над се – ни рекоа нашите соговорници Стојанка и Богоја Грао­роски од Прилеп.


      Брачната двојка Стојанка и Богоја Граороски, како што велат многумина, имаат двор од сониш­тата. Импровизиран бунар, камени фигури, фонтана, орел купен од Бањско, куче “ротвајлер“ со име Дина – со прекрасно изграден бокс, со довод и одвод – тоа е она што го прави првиот и најсилен впечаток. Во дворот има и монтажен дуќан кој сами го конструиравме и монтиравме, а синот Сашко се по­грижил за внатрешниот изглед вгра­дувајќи го на плафонот сонцето со шеснаесет краци. Во дворот има многу бетонски вазни, кафези, билбили и папагали. Тоа е само дел од богатството распослано во дворот од семејната куќа што се наоѓа во населбата “Точила“ на улица “Војводинска“ број 20. Семејството Граороски го сочинуваат синот Сашо, ќерката Сузана и зетот Тони, снаата Невена и внуците Сандра и Бојан. Сите се грижат за дворот, уживаат во убавината што допира од грижливо одржуваното зеленило. Сите се грижат, но Богоја најпофално се изразува за сопругата Стојанка, позната како “книжарката“ од печат­ницата “11 Октомври“.

      - Не се тоа празни зборови. Многу наши пријатели од зградите во населбата “Точила“ скоро се секојдневни гости во вечерните часови кога преовладуваат пеколните гореш­тини. Стојанка е душата на нашиот привлечен двор. Многу жени што минуваат по улицата застануваат крај дворот, често пати ги поканувам да влезат, да поседат. Убавината не се крие, вели Богоја Грао­роски.

      ► Што беше причина да изградите ваков убав двор?

      - Мислам мојата работа, моето работно место. Целиот работен век го поминав како инспектор по општ криминалитет и чувствував потреба да се одморам. А подобар одмор нема од физичката активност, од одгледувањето на цвеќиња, трева. Порано мојот двор беше послан со разновидни трендафили, но подоцна одлучив да ја сменам културата, да посеам трева, да изградам тревници и други слични содржини.

 

ДИВАТА ТРЕВА ЈА ВАДИМЕ СО ШТРАВЦИГЕР

 

      Кога станува збор за дворот, Богоја не сака да ја пропушти заслу­гата на сопругата Стојанка.

      - Во дворот имаме вложено многу труд. Не знам дали ќе верувате дека пирејот и другите “диви “ треви со Богоја ги вадевме со штрафцигер. Уживаме во убавината и спокојството што доаѓаат по косењето и полевањето на тревата – вели Стојанка Граороска.


      И благодарам на тет­ка Ленка за советот и во 1975 година изгра­див куќа. Истата година на 12 јули се все­ливме. Јо­шко, синот на Славе Вренцо, за да се все­лам во ку­ќата свадбата ја одложи три месеци


      И колку да сакаше да зборува за дворот, Богоја не можеше, а да не ја спомене куќата.

      - За да имам двор претходно требаше да имам куќа. Требаше, а ја немав. Пет години живеев како кираџија кај познатиот мајстор и палир Славе Вренцо и три години кај Иван обвинителот. Еден ден сопругата на Славе, Ленка, ми вели:“ Слушај, Богоја, ако продолжиш да живееш како кираџија, никогаш куќа нема да направиш. Послушај ме, направи си куќа“.

      - И благодарам на тетка Ленка за советот и во 1975 година изградив куќа. Истата година на 12 јули се вселивме. Јошко, синот на Славе Вренцо, за да се вселам во куќата свадбата ја одложи три месеци. Така, по изградбата на куќата, следеше изградбата на мојот двор за кого сите велат дека е убав – ни рече Богоја пиејќи го кафето во неговиот убав двор, во придружба на расното куче “ротвајлер“.

ДВОРОТ ДОБИ ДВОЈНИК ВО КРУШЕАНИ

 

      - Не само дворот што доби двој­ник во Крушеани, двојници добија и импровизираниот бунар, бетонските вазни, бетонската масичка. Истите можат да се забележат во дворовите на соседите и пошироко во Скопје, Крушево, Кривогаштани, Крушеани, Прилеп – рече Богоја.

      Од дворот на Граоровци, во населбата “Точила“ пирка свежо ве­терче. Таму вредната домаќинка Стојанка ги полева тревниците и ги прихранува многубројните саксиски цвеќиња. Се спушта мрак, но од мракот се шири неонската светлина што му дава идилична слика на дворот.

      ► Дали е тоа сè?

      - Тоа не е се и тоа не е крај. Не смееме да речеме дека “проектот двор“ е завршен. Овој е проект што ќе трае додека постоиме. Следува промена на покривот, изградба на камин, фонтана ѕидана со плетварски камен. Следува нова визија што ќе ги опфати соништата на нашите деца и внуци кои убавината во животот ја ставале над се – ни рекоа нашите соговорници Стојанка и Богоја Граороски од Прилеп.