Година XVI, број 98, Декември 2009

РЕГИОН


 

Подготвува:

Игор ТАСЕВСКИ

 

 



ПРИЛЕП



ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ПРИЛЕП МАРЈАН РИСТЕСКИ ВО РАБОТНА ПОСЕТА НА БРИСЕЛ


НОВИ ЕВРОПСКИ ПАРИ ЗА РАЗВОЈ НА ПРИЛЕП


      Пред европарламентарците низ слика и збор објаснив што и како е направено со нивните пари во Прилеп. Про­дол­жуваме понатаму со реализацијата на добиените про­ек­ти и со конкурирање и користење на сите европски фондови. Најмногу внимание сега ќе посветиме на изградбата на Пречистителната станица, а во иднина планираме да подготвиме проекти за алтернативни извори на енер­ги­ја и за решавање на инфраструктурни проблеми во оп­шти­ната – вели градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески.


      Градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески пред европските структури во Брисел има­ше презентација за тоа како се потрошени европските пари во Прилеп. Тој преку примерот на Прилеп им пре­зентирал модел за рационално тро­ше­ње на европските средства. За илустрација на европски проекти во Прилеп ги презентирал финансирањето на Граѓанскиот сервисен центар, потоа објаснил како градот стигнал до европските средства за Пречистител­на станица која ќе се гради идната година, а зборувал и за тоа како општи­на­та доби средства за замена на догра­ма­та на осум училишта и други проекти.

      Посетата на градоначалникот на Брисел прилепчани ја гледаат како можност за обезбедување на нови европски пари за развојот на При­леп.

      - Ова беше состанок на заеднич­ката комисија на ЕУ и Македонија. На неа од Македонија при­суствуваа десе­тина гра­до­началници, претстав­ници од министерствата за надворешни работи и локална самоуправа, но само јас имав презен­тација. Пред европарламентарците низ слика и збор објаснив што и како е направено со нивните пари во Прилеп. Продолжуваме понатаму со реализацијата на добиените проекти и со конкурирање и користење на сите ев­роп­ски фондови. Најмногу внимание сега ќе посветиме на изградбата на Пречистителната станица, а во иднина планираме да подготвиме проекти за алтернативни извори на енергија и за решавање на инфраструктурни проб­леми во општината – вели градо­на­чал­­никот на Прилеп Марјан Ристески.

      Низ презентацијата прилепскиот градоначалник потсетил за реализацијата на следните проекти:

      Изградба на канализациона мрежа со должина од 5,6 kм и атмосферски колектор со должина од 1,3 kм во населбата Варош. Вкупната вредност на проектот: 400.000 €.

      Изградба на локален асфалтен пат меѓу селата Канатларци и Подмол, со должина од 6,6 kм во вредност од 383.461 €.

      Изградба на локален асфалтен пат до село Манастир (Мариово), со дол­жи­на од 3,2 kм, во вредност од 310.000 €.

      Општински сервисен центар во вредност од 37.000 €.

      Подобрување на условите за образование во основните и средните училишта во Општина Прилеп во вредност од 593.815 € од ИПА фондовите. Со проектот се опфатени 8 училишта: 5 основни и 3 средни.

      Подготовка на проектот за изградба на Пречистителна станица во вредност од 500.000 €.

      Изградбата на Пречистителната станица во вредонст од приближно 19,5 милиони евра.

      Локалната самоуправа – Прилеп пла­нира континуирано зајакнување на ка­пацитетите на општинската админи­с­тра­ција за подготовка и имплементација на проекти по стандардите на ЕУ – следење на обуки и директно учество во спроведување на проектите. Нејзината цел е дос­тигнување на ЕУ стандардите и исполну­вање на критериумите за пристапување на нашата земја во Европската Унија.


 


ДОДЕЛЕНИ ОПШТИНСКИТЕ НАГРАДИ ВО ПРИЛЕП


      Познатиот македонски ре­жи­сер Милчо Манчески е ово­годинешниот добитник на на­градата за животно де­ло “Златна плакета“ што ја доделува Оп­штина Прилеп по повод 3 Ноемв­ри – Денот на ослободувањето. До­де­лени се уште 9 плакети и 4 дипломи.

      Плакети по повод 3-ти ноември им беа доделени на Министерството за култура, Амбасадата на ЕУ во Македонија, претпријатијата “Микросам“, “Прилепска пиварница“, “Теракота“ и “Крапа“, “Центарот за култура Марко Цепенков“, основното училиште “Кочо Рацин“, фудбалскиот клуб “Пролетер“, здру­же­нијата “Преродба“, “Мајка традиција“ и “Унија на жени на ВМРО – ДПМНЕ“, а дипломи на професорите Рубин Гулабоски и Иван Богески, новинарите Миле Талески и Драги Башески,музичарите Коста Сми­лески и Гоце Секулоски и фотографот Димитар Јанакиоски.

      После доделувањето на дипломите се одржа концерт на кој учествуваа групите Мајовци и Љубојна.


 



ЗНАЧАЕН КОМУНАЛЕН ЗАФАТ


“ВОДОВОД“ СО НОВА УПРАВНА ЗГРАДА


            Градоначалникот Марјан Ристески рече дека ова ќе биде најсовремена управна зграда на едно водоводно претпријатие во Македонија бидејќи ќе биде најавтоматизирана. Се очекува истата да биде пуштена во употреба на празникот Водици.


      Привршува изградбата на управната зграда на ЈКП “Водо­вод и канализација“. Зградата се простира на површина од 1.600 метри квадратни заедно со дворното место опфаќа по­вр­шина од 3.500 метри квадратни со партерно уредување околу зградата. Со оваа зрада прилепски “Водовод“ ќе прерасне во модерно автоматизирано водостопанско претпријатие. Ќе има опремена управна зграда, ќе поседува најсовремена водомерна работилница, осовременета лабораторија, граѓа­ните ќе добијат нови баждарени водо­мери и непосреден контакт со вработените како и квалитетна вода за пиење.

      Зградата се гради со донацијата на KFW банката со почетна инвестиција од 600.000 евра за градежните работи, за водомерната работилница и мониторинг системот обезбедени се додатни 60.000 евра. Градоначалникот Марјан Ристески рече дека ова ќе биде најсовремена управна зграда на едно водоводно претпријатие во Македонија бидејќи ќе биде најавтоматизирана. Се очекува истата да биде пуштена во употреба на празникот Водици.


 


СРЕДНО ОПШТИНСКО УЧИЛИШТЕ “ОРДЕ ЧОПЕЛА“ – ПРИЛЕП


СОЗДАВАМЕ НАЈДОБРИ УСЛОВИ ЗА ПРАКТИЧНА РАБОТА НА УЧЕНИЦИТЕ


      После една година во училиштето се направени три инвестициони зафати кои покажуваат дека училиш­тето има амбиција да биде со најдобри услови за сво­ите ученици. Реновирањето на лабораторијата чинеше 460 илјади денари, а на спортската сала 350 илјади денари. Тоа се средства обезбедени од страна на Локалната самоуправа – Прилеп.


      Воспитно – образовниот про­цес во СОУ “Орде Чопела“ Прилеп е организиран во 20 кабинети (опремени со ин­фор­ма­тичка технологија), а настава посетуваат 750 ученици. Во ова средно училиште учениците се образуваат во 3 струки: Хемиско – техно­лошка, Земјоделско – ветеринарна и Лични услуги.

      - СОУ “Орде Чопела“ е средно стручно училиште со три струки и oсум профили. Секоја паралелка е посебен профил и има различни барања за нормално изведување на наставата, а посебно за изведување на практичната настава. Прехранбениот техничар има потреба од современи лаборатории за анализа на храна, ветеринарниот техничар има потреба од ветеринарна ордина­ција, пекарот од пекара, техни­ча­рот за хортикултура од оранжерија, земјоделскиот техничар од повр­ши­ни под земја и механизација, техни­ча­рот за очна оптика од соодветна ра­бо­тилница и т. н. За да се излезе во пресрет на нивните барања потребно е огромно ангажирање од страна на директорот, се трудам да бидам и педагог и менаџер, рече во интервјуто за “Деница“ во август 2008 година директорката Славица Петровска.

      После една година од оваа изјава, во училиштето се направени три инвестициони зафати кои покажува­ат дека училиштето има амбиција да обезбеди најдобри услови за своите ученици.

      Официјално во употреба беше дадена реновираната лабораторија. После 50 години ова е прво реновирање на лабораторијата за анализа на храна, каде учениците од смерот прехранбен – техничар ја изведуваат својата практична настава. “Орде Чопела“ е единствено учи­лиште во регионов кое има опремено ваква лабораторија каде учениците можат да ја изведуваат својата практична настава. Реновирана е спортската сала на училиштето.

      Реновирањето на лабораторијата чија чинеше 460 илјади денари, а на спортската сала 350 илјади денари, средствата се обезбедени од страна на Локалната самоуправа – Прилеп.

      Во хемиското училиште во тек се градежните активности околу подготовката на ветеринарната амбуланта. Реализацијата на проектот е финансирана со европски сред­ства, кои ова средно училиште ги има обезбедено благодарение на добрата прекугранична соработка со Р. Бугарија. Станува збор за проект вреден 15 илјади евра, со кој е пред­ви­дено целосна подготовка и адаптација на просторијата каде уче­ни­ците од насоката ветеринарен тех­ничар ќе можат да ја изведуваат својата практична настава. Во целост е опремена стаклената оран­же­ри­ја за практична настава за учени­ци­те од хортикултура, а направен е и пластеник за градинарски производи.

      Сите овие работилници за практична настава остваруваат и приход кој е наменет исклучиво за подобрување на условите за работа во училиштето.


 

 



КРУШЕВО



Пишува: Благоја БЛАГАДУША


УЛИЦАТА “ТОШЕ ПРОЕСКИ“ СО НОВ ИЗГЛЕД


      Финансиската под­дрш­ка во износ од 4.560.000,00 денари за шестмесечното работно ангажирање на 100-те невработени лица во овој проект е обезбедена од средствата на Министерството за труд и социјална политика со посредство на Агенцијата за вра­бо­тување.


      Општината Крушево и оваа година успешно се вклопи во Владината програма за работно ангажирање на невработени лица за изведување на јавни работи. Годинашните зафати во рамките на оваа програма се наменети за одржување и обновување на јавната инфра­структура, односно за подобрување на условите за живеење во градот. Се работи на чистење и уредување на улиците и тротоарите, поправка на шахтите за прифаќање на атмосферските води, уредување на градските гробишта, изведување на општи работи во рамките на реконструкцијата на одделни улици и друго. Проектот започна на 1 јули, а ќе трае до 31 декември годинава, опфаќајќи 100 лица од редот на не­вра­ботените. Финансиската под­дршка во износ од 4.560.000,00 денари за шестмесечното работно ангажирање на 100-те невработени лица во овој проект е обезбедена од средствата на Министерството за труд и социјална политика со по­­средство на Агенцијата за вработување.

      Она што е посебно интересно е дека улицата “Тоше Проески“ добива нов изглед. Подземната инфраструктура на оваа улица веќе е целосно обновена, а моментно е во тек реконструкцијата на скалите и одморалиштата. Со должната стилска доследност кон каменот, толку карактеристичен за крушевската градителска традиција, скалите се оформуваат од масивни гранитни блокови, а одморалиштата се по­пло­чуваат со најситни гранитни коцки. Во средишниот дел на секое од одморалиштата ќе бидат вграде­ни правоаголни камени плочи со при­годна големина, на кои ќе стојат изгравирани имиња на знаменити крушевчани. Доминантната позиција меѓу нив, секако, ќе му при­падне на името на Тоше Проески.

      Реконструкцијата на улицата “Тоше Проески“ и е доверена на фирмата “Ролоспас“ од Прилеп. За општите работи, пак, според квали­фикациите, се ангажираат дел од работниците опфатени со проектот за изведување на јавни работи, зашто на тој начин се постигнуваат значителни заштеди. Надвор од вредноста на работите на подземната инфраструктура и ангажи­рањето на невработените лица преку проектот за јавни работи, во реконструкцијата на оваа улица, до сега, Општината Крушево има вложено околу 1.400.000,00 денари. Се очекува реконструкцијата целосно да заврши до крајот на годинава.

      Инаку, улицата “Тоше Проески“ во Крушево, без сомнение, станува една од најпознатите улици не само во Македонија туку и на Балканот.