Година XVI, број 98, Декември 2009

(подлисток)

ЗДРАВСТВЕН ГЛАСНИК

Р Е П О Р Т А Ж А



ВО ИДНИНА ИНФЕКТИВНОТО ОДДЕЛЕНИЕ ЌЕ ГО НОСИ ИМЕТО “КИРИЛ ГАГАЛЕСКИ“


       Некогаш, како дете, ме лекуваше д-р Кирил Гагалески, а денес јас, во својство на директор на Општата бол­ница “Борка Талески“, треба да го дадам во употреба новиот објект на Инфективното одделение што ќе го носи неговото име.Токму поради тоа се чувствувам горд – рече директорот на Болницата м-р Бојан Ристески, на свеченоста при давањето во употреба на новиот објект.


      Инфективното одделение при Градската болница “Борка Талески“ во иднина ќе го носи името на првиот инфектолог – при­леп­ча­нец, примариус д-р Кирил Гага­лески. Според зборовите на д-р Марјан Жежоски, актуелен на­чалник на Инфективното одделение, во градот под Марковите Кули, до доаѓањето на Гагалески, немало друг инфектолог – прилепчанец. Тоа било причина Управнот одбор на Градската болница да го прифати барањето одделението во иднина да го носи името на овој врвен специјализиран стручњак.

      Некогаш, како дете, ме леку­ваше д-р Кирил Гагалески, а денес јас , во својство на директор на Општата болница “Борка Талески“, треба да го дадам во употреба новиот објект на Инфективното одделение што ќе го носи неговото име.Токму поради тоа се чувствувам горд – рече директорот на Болницата м-р Бојан Ристески, на свеченоста при давањето во употреба на новиот објект.

      - Возбудена сум. Мислев дека Кире оди во заборав, но се по­кажа спротивното – Кире се издига повисоко од заборавот. Мојот сопруг го заслужува тоа. Тој, иако не направи многу за себе во животот, направи многу за градот и за прилепчани. Горда сум на мојот сопруг, горда на внуците кои, заради неговата прерана смрт, растеа без нивниот дедо – ни рече сопругата на д-р Кирил Гагалески, Олга.

      Сите имаат пофални зборови за стручноста и високиот професионален однос на д-р Гагалески.

      Не може и не смее да се превиде заслугата на прим. Д-р Кирил Гагалески за се што направи за нас и за прилепското здравство. Преку ова признание сакаме да ги поттикнеме и другите да чекорат по патот на нашиот стручњак, педагог, професор, по патот што го изодуваше примариус д-р Кирил Гагалески – ни рече началникот на Инфективното одделение д-р Марјан Жежоски.

      Пофални зборови за д-р Кирил Гагалески искажа и д-р Олга Николова која имаше чест да работи со него.

      - Д-р Гагалески беше пример за стручњак, олицетворение за хуманист. Дијагностичар, врвен инфектолог, голем организатор во работата, професор во медицинското училиште и директор на Градската болница.Неколку мандати беше началник на Инфективното одделение. Одлуката одделението да го носи неговото име е “полн погодок“ – ни рече д-р Олга Николоска.

      Инфективното одделение е сместено во посебна зграда во кругот на болницата. Во рамките на одделението секојдневно работи специјалистичко – консултативна амбуланта каде се вршат прегледи и се лекуваат пациенти со здравствени тегоби од доменот на инфектологијата. Про­сечно годишно во амбулантата се прегледуваат преку 4.500 пациенти. Во одделението работат пет лекари специјалисти – инфектолози, осум медицински сестри, еден лаборант и шестмина болничари и хигиеничари. Одделението е изградено по светски стандарди, располага со седум болнички соби со вкупно 35 кревети. Секоја од нив располага со сопствен санитарен јазол, а има и дневна болница со 10 кревети.